Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ќе соработува со ФЕИТ

 

08.07.2021, Скопје - Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Димитар Ташковски потпиша Меморандум за соработка со управителот на МЕМО – Национален оператор на пазарот на електрична енергија, Симон Шутиноски.


Потпишување на Меморандум за соработка помеѓу МЕМО ДООЕЛ Скопје и ФЕИТ

 

Според деканот Ташковски, соработката претставува можност студентите да стекнат практично образование во уште една институција, односно двете институции да соработуваат на развој на многу проекти.

 

„Како Факултет продолжуваме со потпишување нови меморандуми кои ќе овозможат нови аспекти во студирањето на студентите и можности за професорскиот кадар. Ова е можност нашите студенти да научат како функционира пазарот на електрична енергија, како се дефинираат цени и други економски параметри. Ова е само прв чекор во нашата соработка, која се повеќе ќе се продлабочува“, рече Ташковски.

 

Потпишување на Меморандум за соработка помеѓу МЕМО ДООЕЛ Скопје и ФЕИТ

 

Управителот на МЕМО, Шутиноски е задоволен што ја започнуваат соработката со ФЕИТ.

 

„Како Национален Оператор на Пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје, ќе помогнеме при создавање и унапредување на идните кадри во областа на електро-енергетиката. Преку оваа соработка се отвара можност сите заинтересирани студенти на ФЕИТ да се стекнат со практично знаење и од прва рака, да се запознаат со функционирањето на пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија, а во блиска иднина и со берзата на електрична енергија, кои се во оперативна надлежност на МЕМО. Очекуваме зацврстување и продлабочување на меѓусебната соработка преку заеднички проекти од областа на електротехниката и информациските технологии, пред сè,  развојно-истражувачки и други апликативни проекти кои ќе бидат од заеднички интерес и ќе придонесат за развој и унапредување на двете страни“, рече Шутиноски по потпишување на Меморанудмот за соработка.

 

Согласно потпишаниот Меморандум, потписниците ќе соработуваат на развојно-истражувачки проекти, соработка на експерти и професионални тимови, изработка на магистерски трудови, работа на апликативни проекти, консултативни активности, студентска пракса и разни предавања, семинари и други настани.